Владата на денешната седница го утврди новиот усогласен текст на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, кој ќе биде испратен во Собранието.
Од Владата велат дека со ова започнува „нова, посериозна и поодлучна фаза“ во борбата против нелегалното приредување игри на среќа, агресивното рекламирање и злоупотребите што, како што посочуваат, со години им нанесуваат штета на граѓаните, особено на младите, децата и семејствата.
Според Владата, фокусот на законот е заштита на децата, младите и семејствата.
Со новите измени за првпат се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Ќе биде забрането рекламирање надвор од деловните простории доколку има за цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа.
Исто така, ќе бидат забранети пораки што коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми.
Дополнително, нема да биде дозволено рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници.
„Испраќаме јасна порака дека коцкањето не смее да се нормализира, ниту да се претставува како стил на живот пред младите“, соопштија од Владата.
Законот предвидува и сите казина, автомат-клубови и објекти за електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.
Во обложувалниците што се наоѓаат во радиус до 500 метри од училиштата, нема да биде дозволено поставување електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
Паралелно со законските измени, институциите преземаат мерки и против нелегалното онлајн коцкање.
Од Владата информираат дека досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи кои незаконски приредувале игри на среќа во државата.
„Ова е борба за иднината на младите, за сигурноста на семејствата и за достоинството на општеството“, велат од Владата.