Премиерот Зоран Заев во понеделниот јавно, на прес конференција повика да се одржи лидерска средба во петок за да се разговара и постигне договор за клучните прашања кои стојат пред државата до одлуката за почеток на преговорите со ЕУ. Заев на средба ги покани Мицкоски, Ахмети и Села, а истата ја најави за во петок во 14 часот во Клубот на пратеници.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја одби поканата на премиерот Зоран Заев. Тој вели дека единствено би прифатил лидерска средба ако се разговара за датум за предвремени парламентарни избори.
„Не ја гледам потребата од мое присуство на средба на која ќе се разговара за сè и тоа ќе биде алиби, а нема да се разговара за тоа што денес е потребно на Република Македонија, датум кога ќе имаме предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Тој потсети дека работни групи од двете партии работат на темите кои што ги предложи Заев за лидерската средба.
Од ДУИ потврдија присуство на средбата, а вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави дека партијата ќе го претстави ставот дека земјата има потреба од институција што ќе биде фокусирана на борба против корупцијата на високо ниво во политиката.
-ДУИ ќе бара да почне да се реализира иницијативата за ветинг. Сметаме дека тоа е неопходно доколку сакаме враќање на довербата во институциите од страна на граѓаните, но и од страна на институциите на ЕУ и ќе бара да се исполнат сите прашања што ќе ни го отворат патот за добивање датум за почнување на преговори со Унијата, рече вчера Османи по панел дискусијата во МНР.
Поканата ја прифати и претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села. Од Кабинетот на Села наведуваат дека ќе учествуваат на средбата и оти ќе презентираат свои предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира.
-Добро е што премиерот почнал да ја чувствува вистинската сила на Алијансата за Албанците. Отсекогаш сме мислеле дека вакви лидерски средби треба почесто да се свикуваат кога станува збор за чувствителни државни прашања. Ќе ја прифатиме поканата и сигурно ќе учествуваме во неа со наши предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира, стои во информацијата испратена од Кабинетот на Села.