Алиу најави проширување на странската комисија околу сомнителните кардиолошки интервенции и со експерти од Италија и од Австрија
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека конечниот извештај на домашната комисија што ја формира Министерството за здравство за сомнителните кардиохируршки интервенции сè уште не е достапен за јавноста. Тој повтори дека се отворени пет нови случаи кои се предмет на анализа од страна на Комисијата, покрај претходните осум предмети кои веќе се завршени.
Алиу рече дека извештајот ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството дури откако ќе бидат готови сите случаи што се предмет на анализа.
Во однос на вклучувањето странски експерти во истрагата за можни злоупотреби во приватни здравствени установи и дали се правеле операции на срце без основани медицински причини, Алиу истакна дека тие во оваа фаза не се активно вклучени, туку само комуницираат.
„Чекаме нашата комисија да заврши со наодите, тоа се сензитивни процеси, и потоа ќе имаме заеднички состанок на локалниот експертски тим со странскиот“, рече Алиу на настанот во Општина Бутел каде што беше најавена изградба на нова поликлиника.