Американските сенатори во неделата постигнаа привремен договор за прекин на рекордната блокада на буџетот што ги парализираше дел од јавните служби цели 40 дена, пренесуваат неколку американски медиуми.
Според информациите на телевизиите CNN и Fox News, републиканците и демократите во Сенатот се усогласиле за финансирање на федералната влада до јануари. Предлогот веднаш бил ставен на гласање, очигледно со доволна поддршка од демократските сенатори, по што ќе биде испратен до Претставничкиот дом. Доколку таму биде одобрен, документот ќе оди на потпис кај претседателот Доналд Трамп.
Со овој договор, според оценките, се прави важен чекор кон нормализирање на состојбата, имајќи предвид дека воздушниот сообраќај и исплатите на социјалните надоместоци се сериозно нарушени, а стотици илјади државни службеници од 1 октомври се на принуден одмор или работат без плата.
„Можеме да кажеме дека се приближуваме кон крајот на блокадата на владата“, изјави Трамп, кој се врати во Белата куќа по викендот минат во неговата приватна резиденција во Флорида.
Договорот треба да овозможи повторно исплаќање на социјална помош за 42 милиони граѓани, враќање на работа на илјадници државни службеници и исплата на нивните плати, како и гласање за продолжување на програмата за здравствено осигурување која истекува на крајот на годината.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, изрази жалење што прашањето за здравствената заштита било само делумно разгледано, а не целосно одобрено. „Таа борба ќе мора да продолжи“, рече тој во обраќањето пред Сенатот.
Поради буџетската парализа што го погоди системот за контрола на летање, во неделата во САД беа откажани над 2.700 летови, а околу 10.000 беа одложени, според податоците на FlightAware. Најмногу проблеми имале аеродромите Њуарк и Ла Гвардија во Њујорк, О’Хара во Чикаго и Хартсфилд-Џексон во Атланта.
Министерот за транспорт Шон Дафи предупреди дека доколку блокадата продолжи, состојбата би можела дополнително да се влоши со приближувањето на Денот на благодарноста. „Авионските патувања ќе бидат сведени на минимум бидејќи сите ќе сакаат да отпатуваат за да ги посетат своите семејства“, рече Дафи.
И по завршувањето на блокадата, ќе бидат потребни неколку дена за целосна стабилизација на воздушниот сообраќај и обновување на редовното финансирање, вклучително и исплатата на платите на федералните вработени.