Една хумана одлука, донесена од семејство во најтешки моменти, резултирала со нова шанса за живот за двајца пациенти, објави министерот за здравство, Сашо Клековски.
Клековски посочи дека минатиот месец семејство дало согласност за органодарителство, по што била извршена трансплантација и двајца пациенти добиле можност за нов и поквалитетен живот.
„Постојат одлуки што ја менуваат смислата на зборот живот. Одлуки донесени во најтешките мигови, кога болката е најголема, а сепак изборот е да се даде согласност“, напиша Клековски.
Тој упати благодарност до семејствата кои во моменти на голема загуба носат одлука со која им помагаат на други луѓе и порача дека нивната хуманост може да значи нов почеток за пациенти кои чекаат трансплантација.
Во пресрет на 13 август – Светскиот ден на органодарителството, Клековски им се заблагодари на сите семејства кои со својата одлука помогнале да се спасат животи.