Кога ќе финализира договорот од Преспа, кога ќе стапи во сила, според мене, нема да има противење, освен од многу мал дел од грчкото општество, оценува поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за критската телевизија „Крити ТВ“.
Коѕијас, како што јавува МИА од Атина, во интервјуто детално објаснува зошто во договорот стои „Македонци/ државјани на Република Северна Македонија“, а не „СеверноМакедонци“.
„Тие, себеси веќе 120 години се нарекуваат Македонци. Зошто се викаат Македонци? Не велам дека добро прават, но кажувам зошто. Зедоа еден дел од областа Македонија што им беше даден според Договорот од Букурешт во 1913, според кој, ние ја зедеовме грчката Македонија и тие се идентификуваа географски со овој регион и се нарекоа Македонци“, објасни Коѕијас и додаде дека во секојдневна употреба и „со најдобриот договор на светот не можеш да наметнеш некому како самиот ќе се нарекува во приватните разговори“.
Коѕијас дополнително објаснува дека во сложените имиња на државите постојат други изведени зборови, а како пример ги спомена граѓаните на Обединетото кралство кои што се викаат Британци. Граѓаните на Соединетите американски држави кои не се викаат, „Соединето-државен-Американец“, туку само Американец. Како и Кинезите од Народната Република Кина. Во однос на северна и јужна Кореја и северен и јужен Виетнам, рече дека се однесува на поделени земји што имаат север и југ.
Во однос на критиките во Грција дека македонскиот државен врв го користи името Македонија, а не Северна Македонија, Коѕијас објасни дека договорот сѐ уште не е во сила, за да можеме да говориме за прекршувања.
„Овој договор не е ставен во функција, не е ратификуван од двете страни, оваа земја продолжува да се вика Македонија и мене ме обвинуваат дека наводно Заев го прекршува договорот и слично. Ова не е точно, договорот треба да се ратификува од двете страни, а потоа почнува да има прекршувања“, објасни поранешниот шеф на грчката дипломатија.