Основното јавно обвинителство Охрид постапува во предмет кој се однесува на изградбата на Али Пашината џамија. Предметот е оформен веднаш по добиени сознанија и беше заведен против едно правното лице и едно физичко лице, а по прибавување на тековна состојба од Централниот регистар на РМ, предметот е проширен и против правно лице од Охрид и одговорното лице.
Во текот на постапувањето по предметот се прибавени повеќе писмени документи, а кои се однесуваат на реконструкцијата на Али – Пашината џамија во Охрид. Од конзерваторското одобрение произлегува дека правното лице на ден 08.06.2016 година добило конзерваторско одобрение за конзерваторско – реставраторски работи и реконструкција на Али – Пашината џамија во Охрид. Видно од точка 6 на диспозитивот на ова одобрение, работите на конзервација и реконструкција на Али – Пашината џамија во Охрид може да се изведат врз основа на правосилно одобрение согласно со прописите на градење. Тоа во пракса подразбира дека правното лице од Охрид било должно да побара такво одобрение од Министерството за транспорт и врски, бидејќи согласно законските прописи категоријата на градбата подразбира дека за такво одобрение е надлежно Министерството за транспорт и врски, а не подрачната единица на истото министерство во Охрид.
Во текот на јавнообвинителското постапување беа превземени повеќе дејствија, пред се насочени кон спречување на штетни последици од кривичното дело. Од тие причини, од Основниот суд беше побарано да се донесе решение за забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривично дело, односно забрана за преземање и изведување градежни работи на објектот и таква мерка со Решение од 13.02.2018 година беше донесена кон осомничените.
По извршен увид на терен се воочи дека мерките на претпазливост не се почитуваат од страна на осомничените, а за утврдување на промената на фактичката состојба во повеќе наврати од страна на Јавниот обвинител е издадена наредба до градежен инженер, кој излегуваше на лице место во присуство на полициски службеници. При тоа извршено е фото - документирање на состојбата на лице место, а градежниот инженер истата ја констатира во вештите наоди.
Со оглед дека постапувањето по судското Решение е во надлежност на Управата за заштита на културно наследство која е носител на Конзерваторското одобрение, но и до Министерството за транспорт и врски, поточно Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, како и поради тоа што интензивно се преземаат дејства за изградба на минарето на наведената џамија и покрај изречените забрани од страна на судот, јавното обвинителство има доставено информација до надлежните со цел да се иницира поведување на инспекциски надзор.
На 11 март, Основното јавно обвинителство Охрид беше известено од страна на Централниот регистар – регистрациона канцеларија од Охрид за непосредните изведувачи на работите на терен. По добивањето на овие информации наведените правни и физички лица се додадени како осомничени во предметот.
Воедно, од Основниот суд во Охрид согласно член 39, во врска со член 146 ст.1 т.7 и чл. 147 ст.6 од Законот за кривичната постапка е побарано издавање на забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана за преземање на градежни дејствија на наведената недвижност и кон овие четири лица.