Успешен обвинител и менаџерка. Вака е опишана в.д. државната јавна обвинителка Соња Симовска од претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска. Таа кажа дека ги познаваат јавните обвинители и им ја следат работата, а од сите податоци кои ги има за избраната Симовска се доби впечаток кај сите членови дека успешно ќе ја извршува оваа функција со оглед на искуството. Прашана дали однапред е договорено името на Симовска за сега да биде изгласана, Димитриеска посочи: „Ние одржуваме не само јавни седници, туку и контакти меѓу себе, разменуваме мислења. Мојот предлог кој е поддржан, е овој кој се изгласа едногласно“.
„Обвинителот Соња Симовска која на денешната седница е определена за вршител на функцијата до именувањето на јавен обвинител на Република Северна Македонија е обвинител кој има долгогодишно искуство, кој што е докажан во својата професија како професионалец, ги познава состојбите во јавното обвинителство. Истата поседува менаџерски способности. Како членови на Советот сметаме дека јавниот обвинител Соња Симовска успешно ќе ја извршува функцијата до именување на јавниот обвинител“, рече Душица Димитриеска.
Во меѓувреме, до Советот на јавни обвинители е доставено барање да се даде позитивно или негативно мислење за кандидатите за државен обвинител пријавени на оглас. Како што е познато тоа се обвинителите Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски.
„Пријавени се тројца кандидати и Советот по разгледување на барањето, ќе го испочитува рокот од 15 дена и ќе даде мислење до Владата“, додаде Димитриеска.