За утре е закажана седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Никола Груевски. Но, парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ се уште нема став како ќе гласа во комисијата.
Утрешната седница ќе ја води потпретседателката, Снежана Калеска Ванчева.
Седницата за одземање на мандатот на Груевски, започна минатата недела, но не заврши поради оставката на пратеникот Павле Богоевски.
За одземање на мандатот на Груевски на пленарна седница потребно е двотретинско мнозинство, односно за тоа да гласаат 80 пратеници, за што е потребно и поддршка од опозицијата.
Пратеникот и поранешен премиер Груевски лани, во ноември избега во Унгарија каде доби статус на политички азилант. Покрај правосилната пресуда од двегодишна затворска казна, тој е осомничен и за организирање на собраниските настани од 27 април.