По чистењето на неколку депонии, воспоставување ред на шеталиштата, водење грижа за хигиената во општината, градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски остава впечаток дека постојано ги следи поплаките од неговите сограѓани. Таков беше случајот кога паѓаше снег и општината експресно реагираше, потоа, за потребата да се закрпи дупка на пругата кај Ново село, при избивање на вода од цевка во Волково, кога беше потребна помош за дете со пречки во развојот и неговиот (сега) починат татко за сместување и надминување на финансиските проблеми. Ова се само дел од работите кои се познати во јавност за три месеци.
Според истото, неговото однесување остава впечаток дека сака да чуе сечија критика и да реши што повеќе проблеми. Жителите, пак, бараат пред сѐ да им се решат прво комуналните проблеми, а потоа општината да се развива. Доказ за тоа е дека и поместување на оградата од новата општинска зграда е доволно за ѓорчепетровци да изразат почит што нивниот глас е слушнат.

Ѓорчепетровци упатуваат критики и поради улиците, бидејќи до овој момент, не се успеа да бидат асфалтирани, а Општина Ѓорче Петров, објасни дека тоа е поради немање на доволно пари. Сепак, има најава дека дел ќе се средат во текот на оваа година. Исто така, се очекува во најскоро време, Кучково постојано да има вода. Најголеми пофалби има за тоа што Стојкоски го реши проблемот со депонијата во Ново село која во рекордно краток период ја исчисти, организираше и акции за собирање кабаст отпад, води сметка за трошењето на парите. Сепак, ѓорчепетровци велат дека немаат време за чекање и дека нивните проблеми мора веднаш да се решаваат.