Oстри критики упати струмишкиот градоначалник Костадинов кон лидерот на СДСМ Венко Филипче по неговото вчерашно интервју.
Во објава на ФБ, Костадинов вели дека Филипче искажал низа невистини за неговото однесување кон сопартијците и дека тоа воопшто не е негов сти.
„Во едно скорешно интервју на МТВ во емисијата „360 степени“ со реномираниот новинар Васко Попетревски, претседателот на СДСМ, г. Венко Филипче, посочи дека наводно јас „сум плукал по партиските другари” и уште низа други нејасни ставови, кои практично ме натераа дури и со замрзнато членство во мојата партија, да одговорам со намера да останам доблесен кон моите партиски другари, луѓе до кои сум растел, сум се развивал и луѓе кои од душа ги почитувам и сакам.
Веднаш сакам јасно да кажам, тоа е целосна бесмислица и измислица. Такво нешто никогаш не било мој стил, ниту моја практика. Но, јас нема да одговорам во ист тон и со ист наратив. Не сакам, дури ни несвесно, да направам штета на изборниот процес или на било кој кандидат на СДСМ.
Иако ова, за секој политичар, претставува класичен „пенал“ момент можност да нападне и да извлече поени – јас ќе направам нешто друго: ќе простам. На претседателот ќе му простам и сè кажано ќе го примам како вид политичко неискуство кое е нормално на почеток на секоја кариера.
Лесно е да се биде во СДСМ. Но, многу потешко е да го носиш СДСМ во себе – особено кога изворно не си дел од неговите темели, туку си дојденец во него.
Затоа овде ќе застанам. Ќе останам доследен на мојот принцип дека својот конечен став за визијата за СДСМ ќе го кажам по завршувањето на локалните избори.