Димитар Ковачевски, новиот мандатар за состав на Влада, смета дека добро е што Владата во Бугарија сака да се води дискусија за прашања кои не се строго историски туку за, како што рече, иднината.
„Нормално е да разговараме за проекти од инфраструктурата, зголемување на економска соработка, образование, култура, како и на начинот на кој Бугарија како членка на ЕУ може да ни помогне во процесот на пристапување кон ЕУ. Имаме јасни позиции и барања од ЕУ дека С. Македонија има четири последователни позитивни извештаи за пристапување и треба да ни биде даден датум за првата меѓувладина конференција. Македонскиот јазик и идентитет се нашите црвени линии. Ние сме Македонци кои живеат во С. Македонија“, кажа Ковачевски.
Тој посочо дека не ги знае заклучоците кои се донесени во Бугарија.
„Се надевам дека се реафирмирани ставовите дека треба да разговараме за теми за подобар животен стандард на граѓаните, и дека така ќе ја вратиме довербата, без простор за пропагандисти кои ќе сејат лоша атмосфера“, додаде тој.