Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека за разлика од претходните години, Владата сега дава помалку дотации затоа што повеќето градоначалници се од неговата партијата.
„Погледнете ги трансферите и дотациите коишто оваа власт ги прави во изминативе четири години пред оваа 2022 година. Ќе видите дека секоја година започнувајќи од 2018, 2019 следствено 2020, 2021 имаме зголемување на дотациите, дури и во една година тие се 34 милиони евра поголеми од претходната година. Но тогаш нели мнозинството градоначалници беа од редовите на СДСМ, и тогаш тие ценеа дека треба дотациите да бидат поголеми. Но ако ја споредите бројката 2021 и 2022 и покрај тоа што Буџетот е зголемен, екстремно зголемен, арачот на народот и на бизнисот екстра зголемен, дотациите се намалени од 316 на 312 милиони евра“, рече Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ништо не работат.
„Од она што можам да го видам е дека ништо не се прави во општините. Јас живеам во градот Скопје каде што гледам дека ветувањата што беа давани во текот на кампањата воопшто не се реализираат. Единствено нешто што добиваме е барања за помош, но од другата страна не постои никаква иницијатива градоначалниците да се вклучат во справувањето со економската и енергетската криза. Тоа го велам од фактот што овие градоначалници, што се избрани, а половина се од опозицијата и тие мора да сфатат дека се власт во овие општини, самите ги правеа буџетите, знаејќи дека е криза и во нив не предвидоа никакви кризни програми со кои ќе се справат во насока на поддршка на граѓаните и на институциите кои работат во нивни рамки“, изјави Ковачевски.