Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција даде коментар околу средбата на претседателот Пендаровски со македонските здруженија од Бугарија.
„Во врска со средбата на претседателот Пендаровски со македонските здруженија кои што тој ги нарече здруженија на граѓани, значи се продолжува со таа анационална политика на Зоран Заев, Ковачевски, Османи во координација на Стево Пендаровски. Тоа е само блед обид за допадливост. Ги повика за да ги понижи и за да се додвори на бугарската страна. Со тоа го покажува неговото вистинско лице“, вели Ковачки.
Вчера претседателот Пендаровски имаше средба со претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија.
„Разговаравме за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество. Северна Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година“, изјави Пендаровски.