Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Драган Ковачки, на прес-конференција се осврна на одбележувањето на 36-годишнината од формирањето на партијата, оценувајќи дека настанот во Струмица испратил силна порака за единство, заедништво и поддршка од граѓаните.
Тој им се заблагодари на сите присутни кои присуствуваа на прославата на стадионот „Благој Истатов“, истакнувајќи дека довербата од граѓаните претставува најголем мотив за продолжување на политиките и проектите што, според него, придонесуваат за развој на државата.
Ковачки нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 36 години поминала низ бројни предизвици, но успеала да ја задржи поддршката од граѓаните и да остане доследна на своите вредности и цели.
Според него, партијата во изминатите две години реализирала значајни економски и инфраструктурни проекти, меѓу кои историски висок износ на странски директни инвестиции, изградба на нови автопати и вложувања во патната и железничката инфраструктура.
Тој посочи дека Владата работи и на подобрување на условите за младите преку обнова на студентските домови, обезбедување ваучери за електронски уреди и поддршка за започнување сопствен бизнис.
Ковачки истакна дека во континуитет се реализираат проекти во образованието, здравството и социјалната сфера, при што се градат нови градинки, училишта, спортски сали и здравствени установи, а истовремено се сервисираат и наследените финансиски обврски.
Во своето обраќање тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, со фокус на економскиот развој, подобрувањето на животниот стандард и создавањето нови можности за младите.
„Македонија се исправува чекор по чекор. Сега е време да забрза. Тоа е наша обврска“, порача Ковачки.