Македонскиот кик-боксер Бобан Илиоски официјално стави крај на својата активна боречка кариера. Веста ја соопшти преку емотивна објава на социјалните мрежи, каде откри дека неговиот настап на Светското првенство бил последниот во улога на натпреварувач.
Илиоски раскажа дека уште во првата рунда од првиот меч повторно ја обновил старата повреда – скината препона, истата која го мачеше и пред шест месеци. И покрај силната болка и сериозниот хендикеп, успеал да триумфира над противник од Хрватска.
„Благодарен сум на Господ за сè, нека биде по Божјата волја“, напиша Илиоски, додавајќи дека токму тој меч го означил природниот крај на неговиот натпреварувачки пат.
Тој не го криеше емоционалниот товар на оваа одлука:
„Тешко е да се прифати, но нема бегање од реалноста. Одлуката ја носам во мир“, посочи македонскиот борец.
Иако се повлекува од рингот, Илиоски не се повлекува од спортот. Напротив, најави ново поглавје – целосна посветеност на тренерската работа и развојот на својот клуб, со јасна мисија да создаде нови шампиони и да го продолжи македонското кик-бокс наследство.
„Ова не е крај, ова е нов почеток“, порача тој.
Со своето богато искуство, бројни настапи и докажан боречки дух, Бобан Илиоски зад себе остава респектабилна кариера и значаен печат врз развојот на македонскиот кик-бокс. Неговото повлекување означува крај на една ера, но и раѓање на нова – овојпат покрај, а не во рингот.