Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција во моментов вршат службени разговори со вработени во ЈП „Дрисла“ за да се утврди евентуално учество од внатре во подметнување на пожарот на депонијата. Ова денеска го соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на прес-конференција во близина на депонијата.
Ангелов посочи дека според информациите со кои располага, имало најмалку три обиди за палење на депонијата, но тие биле навреме изгаснати.
„Од тие причини денеска побарав припадници на криминалистичката полиција да влезат во депонијата и да поразговараат со вработените, за да дојдат до релевантни информации околу можни причинители на пожарот. Не зборуваме за конкретно осомничен, туку дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето или можеби некој од надвор, физички спремен, со канта или шише бензин,“ изјави Ангелов.
Тој додаде дека во следниот период ќе бидат употребени повеќе методи за набљудување на депонијата, како и засилено полициско присуство, со цел откривање на евентуални потпалувачи.
„Малку е необјасниво како откако драстично ќе го намалиме огнот, чадењето повторно толку многу да се зголеми,“ рече директорот.
Ангелов потсети дека површината на „Дрисла“ изнесува 85 хектари и дека ограда постои само на влезот, додека останатиот дел е лесно достапен за злонамерници. Според него, сомнителна е и функционалноста на дел од камерите, особено на задниот дел од депонијата.