По силното невреме што го зафати Скопје, кризните штабови и службите во општините Кисела Вода, Бутел, Гази Баба и Чаир се целосно мобилизирани и постапуваат по пријавите на граѓаните.
Од Општина Кисела Вода информираа дека поради обилните врнежи е свикана итна седница на Кризниот штаб. Општинските екипи се на терен и интервенираат по пријавите за поплавени површини и објекти, а во постојана координација се со Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и другите надлежни служби. Мобилизирани се сите расположливи општински капацитети за расчистување на критичните точки и обезбедување на безбедноста на граѓаните.
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, информира дека Општинскиот кризен штаб е во постојана координација со Министерството за внатрешни работи, јавните претпријатија, ЕВН и Центарот за управување со кризи. Тој посочи дека екипите на Општината се во целосна подготвеност и им стојат на располагање на граѓаните.
Во Гази Баба, градоначалникот Бобан Стефковски соопшти дека Кризниот штаб е активиран веднаш по невремето и дека сите надлежни служби се мобилизирани за справување со последиците на терен.
Од Општина Чаир информираа дека екипите на Општината, ЈП „Паркови и зеленило“, Кризниот штаб и другите надлежни служби се на терен и во постојана координација со институциите. Комуналните служби ќе бидат ангажирани во текот на целата ноќ за санирање на последиците од обилните врнежи и силниот ветер.
Надлежните ги повикуваат граѓаните да ги пријавуваат сите последици од невремето, како што се поплавени улици и дворови, паднати дрвја, скршени гранки, оштетувања на инфраструктурата и други ситуации што бараат итна интервенција.
За пријавување на штети и потреба од интервенција, во Општина Кисела Вода на располагање се телефоните 072 250 719 и 072 443 500, во Општина Бутел 076 202 893, во Општина Гази Баба 075 239 918, додека од Општина Чаир ги повикаа граѓаните сите случаи да ги пријавуваат на единствениот број за итни случаи 112.
Од четирите општини апелираат граѓаните да останат смирени, внимателни и да избегнуваат непотребно движење во ризичните подрачја, нагласувајќи дека сите екипи ќе останат на терен сè додека состојбата целосно не се нормализира.