Легендарниот мајстор на боречки вештини и актер Чак Норис, кој почина на 87-годишна возраст, зад себе остави богато филмско наследство, но една сцена засекогаш остана запишана како антологиска – неговиот дуел со Брус Ли во филмот „На змајевиот пат“ од 1972 година.
Оваа борба, снимена во римскиот Колосеум, не е само култна поради кореографијата и интензитетот, туку и поради начинот на кој е реализирана. Според биографските извори, режисерот и главен актер Брус Ли не успеал да обезбеди официјална дозвола за снимање на локацијата, па дел од сцените биле снимени тајно – со камери маскирани како туристичка опрема и со ограничено време.
Поради ваквите услови, дел од материјалот бил доработуван на други локации, но токму ова „герилско“ снимање придонело сцената да добие речиси митски статус во историјата на филмот.
Дуелот меѓу Ли и Норис не е само акциска сцена, туку судир на два различни стилови, филозофии и пристапи кон боречките вештини. Нивната меѓусебна почит, која постоела и надвор од филмскиот сет, јасно се чувствува и во самата изведба.
Иако Норис подоцна изгради импресивна кариера со бројни акциски филмови и серии како „Вокер, тексашки ренџер“, за многумина тој останува засекогаш поврзан токму со овој дуел – моментот кога застана наспроти Брус Ли во Колосеумот и стана дел од една од најиконичните борби во историјата на киното.