МВР ќе го преземе случајот со снимката на која наводно се слуша гласот на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, во која машко лице се расправа и физички се пресметува со друго лице. Лавина реакции има на социјалните мрежи, но и помеѓу двете најголеми партии од македонскиот блок.
Но и покрај реакциите обвинителството нема отворено предмет за овој случај.
И покрај што јавноста очекуваше Дудуш да го образложи случајот, тој не се појави со никаков официјален став за овој случај. Тој се закани со тужби за медиумот кој прв ја објави аудио снимката и само кажа дека се работи за монтирани снимки.
Дудуш за„Фокус“кажа:
„Ќе заработи соодветна пријава за нарушување на углед и чест. Соработката со криминалци од калибарот на Сенат Јашар, поранешен осуденик за вооружен грабеж и осомничен за ред други случи на насилство и нарушување на јавен ред и мир, нема да му донесе новинарски поени бидејќи од такви лица може да добие само монтирани аудио снимки. Да имало вистина во снимката, ќе имало повредени“.
И власта и опозицијата во своите реакции ги повикаа институциите да го истражат случајот. Од МВР велат дека го испитуваат случајот.