Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги оцени како „невкусни“ неодамнешните изјави на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој негираше дека меѓу Москва и Вашингтон бил постигнат каков било договор за Украина на минатогодишниот самит на Алјаска.
Во писмено соопштение на руското Министерство за надворешни работи, Лавров изнесе детали од американско-рускиот самит, одржан во Енкориџ во август минатата година, на кој учествуваа рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Според Лавров, неколку дена пред самитот, специјалниот американски пратеник Стив Виткоф пристигнал во Москва со предлози од Трамп, а Путин се обврзал својот одговор да го презентира на средбата на Алјаска.
Рускиот министер тврди дека за време на самитот детално се разговарало за сите предлози и дека Путин по секоја точка го прашувал Виткоф, во присуство на Трамп и Рубио, дали точно ги пренел американските идеи претходно презентирани во Москва. Според Лавров, Виткоф потврдно одговорил на сите прашања.
„Ако едната страна, во овој случај Соединетите Американски Држави, ги изнесе своите предлози за решавање на кризата, а другата страна се согласи со нив, тогаш тврдењето дека не е постигнат договор е, во најмала рака, малку невкусно“, изјави Лавров.
Изјавата на рускиот министер следува откако Рубио во четвртокот категорично негираше дека бил постигнат каков било договор меѓу Москва и Вашингтон.
„На Алјаска беше изнесен предлог, но договор немаше. Ако беше постигнат договор, војната веќе ќе беше завршена“, рече Рубио.
Во последните денови руските власти ја обвинуваат американската администрација дека се оддалечува од, како што велат, „разбирањето“ постигнато на Алјаска. Лавров претходно оцени дека САД се откажуваат од улогата на „објективен посредник“ и наместо тоа ја засилуваат политиката на притисок врз Русија преку санкции.
Рускиот министер, исто така, побара дополнително појаснување за улогата на САД како посредник во војната во Украина. Марко Рубио засега не ги коментираше најновите изјави на Лавров.