Еден од најголемите трансфери ова лето во НБА-лигата доби дополнително објаснување, откако агентот на Леброн Џејмс, Рич Пол, откри дека Филаделфија воопшто не била во плановите на кошаркарската ѕвезда сè до доаѓањето на Џејлен Браун.
Иако во јавноста се шпекулираше за можен камбек во Кливленд, враќање во Мајами или преселба во Голден Стејт, Леброн на крајот одлучи кариерата да ја продолжи во редовите на Филаделфија.
Во подкастот „Game Over with Max Kellerman and Rich Paul“, неговиот агент изјави дека спектакуларниот трејд целосно ја променил ситуацијата.
„Да ги слушневте нашите разговори ден пред размената и два дена подоцна, ќе помислевте дека станува збор за две различни приказни. Филаделфија воопшто не беше на нашиот радар“, изјави Пол.
На 1 јули Бостон го испрати Џејлен Браун во Филаделфија во замена за Пол Џорџ, два избора од првата и два од втората рунда на НБА-драфтот.
Браун зад себе ја има најдобрата сезона во кариерата, со просек од 28,7 поени, 6,9 скока и 5,1 асистенција по натпревар, со што заслужи место во втората најдобра петорка на НБА.
Со неговото пристигнување, Филаделфија формираше исклучително силен тим во кој веќе настапуваат поранешниот МВП Џоел Ембид, ол-стар плејмејкерот Тајрис Макси и еден од најталентираните млади бекови, ВЈ Еџкомб.
Иако минатата сезона ја завршија со скор од 45 победи и 37 порази и преку плеј-ин изборија место во плејофот, во клубот веруваат дека сегашниот состав е подготвен да се бори за шампионската титула.
Според Рич Пол, токму засилениот ростер бил пресуден за почетокот на разговорите со Леброн.
„Дотогаш ни самите Сиксерси не веруваа дека имаат шанса. Откако тимот се промени, почнавме да разговараме за кошарката, за тоа како би изгледала екипата и што е потребно за да се освои титулата“, рече Пол.
Леброн, пак, порача дека неговата одлука не била мотивирана од финансиски причини.
„Не ја донесов оваа одлука поради парите ниту поради семејството. Сакам и понатаму да се жртвувам, напорно да работам, да се натпреварувам, да победувам и повторно да почувствувам како е да се биде шампион“, напиша Џејмс на социјалната мрежа „Икс“.