Редовното миење на рацете е една од најефикасните мерки за спречување на инфекции и ширење на бактерии, предупредуваат лекарите.
Гастроентерологот д-р Суприја Рао објаснува дека повеќето гастроинтестинални и респираторни инфекции се пренесуваат кога контаминираните раце ќе ги допрат очите, носот или устата.
Според неа, иако сè повеќе луѓе користат бесконтактно плаќање, готовината и понатаму е чест дел од секојдневието и може да содржи бројни микроорганизми бидејќи поминува низ многу раце. Затоа, по ракување со пари се препорачува темелно миење на рацете.
Лекарите советуваат истото да се прави и по користење на рачките од количките во продавниците, бидејќи и тие се површини што често ги допираат голем број луѓе.
Дополнително, д-р Рао препорачува рацете да бидат чисти пред користење на мобилниот телефон, а самиот уред да се дезинфицира неколку пати неделно.
Доколку немате можност веднаш да ги измиете рацете, може привремено да користите средство за дезинфекција, но експертите нагласуваат дека правилното и редовно миење со вода и сапун останува најдобрата заштита од инфекции.