Обвинителката Ленче Ристоска обвини дека Владата врши притисоци и спроведува нетранспарентна постапка при изборот на националниот кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според неа, одлуката на Владата да не ја прифати листата со тројца кандидати, меѓу кои беше и самата, е очекуван политички потег, но спротивен на препораките на Советот на Европа.
„Последниве два месеци имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура, а во јавноста се водеше и клеветничка кампања против мене. Затоа не ме изненади одлуката на Владата – само начинот на кој ќе ја прекрши процедурата беше неизвесен“, напиша Ристоска.
Таа посочи дека Владата одбива да објасни зошто ја отфрла листата и кои критериуми не биле исполнети од кандидатите. Ова, според неа, е спротивно на принципите на транспарентност и отчетност што ги бара Советот на Европа.
„Одлуката на Владата е неоснована, нетранспарентна и без образложение. Постапката треба да биде фер, однапред пропишана и јавна – како што тоа го налага Советот на Европа“, нагласува Ристоска.
Таа потсетува дека оценката на кандидатите ја вршат Комисијата формирана токму за оваа цел и советодавното тело на Советот на Европа, и оти Владата има обврска да ја почитува нивната селекција или, доколку отстапи, да го образложи тоа со конкретни факти и критериуми.
„Сосема е прифатливо да не ја добиете позицијата ако не сте најдобриот кандидат, но тоа мора да биде резултат на фер постапка – а не на политички маневри“, заклучува обвинителката.
Како потсетување, Ристоска, која е дел од тимот на Европравда и поранешна членка на Специјалното јавно обвинителство, се најде под лупа поради предметот за бонусите во СЈО, во кој беше покрената постапка за разрешување на републичкиот обвинител.
Таа е поврзана и со роднинска врска со сопругата на министерот Тимчо Муцунски, што предизвика сомнежи за можен конфликт на интереси. Министерството за надворешни работи ја оспори поврзаноста како правно релевантна, наведувајќи дека станува збор за далечно сродство. Ристоска е позната и по водењето на големи случаи како „Таргет-тврдина“ и „Талир“