Партијата Левица побара од Основното јавно обвинителство итно да постапи по кривичната пријава поднесена против актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Како што наведуваат од партијата, пријавата, објавена во „Слободен печат“, се однесува на непостапување по службена должност и толерирање дивоградби во скопската населба Драчево.
„Овој случај е уште една потврда за тесната поврзаност меѓу власта, бизнис интересите и урбанистичката мафија која со години го уништува Скопје“, стои во соопштението на Левица.
Од партијата обвинуваат дека додека граѓаните плаќаат даноци и чекаат решавање на основни инфраструктурни проблеми, „бизнисмени од ДПМНЕ градат дивоградби на државно земјиште и ги легализираат преку промена на урбанистички планови – што е класичен пример за злоупотреба на функцијата за лична и партиска корист“.
Левица бара Обвинителството да отвори истрага не само против Ѓорѓиевски, туку и против сите лица инволвирани во случајот. „Нема да има правда додека функционерите не почнат да одговараат за своите постапки“, порачуваат од партијата.
Во соопштението дополнително се наведува дека толерирањето и легализирањето на бесправни градби не се изолирани случаи, туку дел од „систем што со децении го воспоставиле ДПМНЕ и СДС заедно со ДУИ, а сега и ВРЕДИ“.
„Истите тие, кои во опозиција се колнат во правна држава, од позиција на власт ги кршат законите за да спасат приватни бизниси и свои финансиери,“ велат од Левица, нагласувајќи дека е потребна строга контрола над урбанистичките планови и ревизија на сите сомнителни дозволи за градба.
„Скопје мора конечно да стане град на закон, а не на лични привилегии и договори под маса,“ се додава во реакцијата на Левица.