Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе иницијатива за формирање ново градско енергетско претпријатие под името „Енергија Скопје“ ДООЕЛ. Предлогот, како што наведуваат, има за цел Градот да ја намали зависноста од купување скапа електрична енергија и да развие сопствено производство од обновливи извори.
Според иницијаторите, Град Скопје и јавните претпријатија моментално плаќаат значителни суми за струја, средства кои, според нив, би можеле да се насочат кон приоритети како комунални услуги, инфраструктура и јавен превоз.
Формирањето на градско претпријатие, велат тие, би овозможило дел од електричната енергија да се произведува локално, институциите да се снабдуваат по пониски цени, а евентуалниот вишок да се продава на пазарот, со што би се создал дополнителен приход за градскиот буџет.
Во иницијативата се посочува дека Скопје располага со голем број кровни површини, објекти и локации што би можеле да се искористат за поставување фотоволтаични централи и системи за складирање енергија, со што би се развил долгорочен и одржлив енергетски концепт.
Од Левица очекуваат предлогот да биде разгледан и поддржан од мнозинството во Советот, предводено од ВМРО–ДПМНЕ, доколку – како што велат – јавниот интерес е приоритет. Одбивањето на иницијативата, според нив, би значело пропуштена можност за намалување на трошоците и за поголема енергетска независност на градот.
Советот на Град Скопје во наредниот период треба да одлучи дали предлогот ќе биде ставен на разгледување и дали ќе добие зелено светло за понатамошни постапки.