Внукот на исчезнатиот Љупчо, Дарко, со јавна реакција бара одговорност од институциите и тврди дека семејството уште пред неговото исчезнување повеќепати алармирало дека тој има сериозни психички проблеми и дека е потребна помош.
Љупчо е исчезнат веќе десет дена, а неговото семејство и блиските секојдневно го бараат. Дарко во објавата наведува дека во периодот пред исчезнувањето имало моменти кога неговиот вујко престанувал да ја зема терапијата, по што почнувал сè повеќе да се губи и да се однесува непредвидливо.
„Ние како семејство предупредувавме. Го пријавувавме неговото однесување. Пријави имаше и од станарите во неговата зграда. Не го правевме тоа за да му наштетиме, туку токму спротивното – за да му се помогне навреме и да не дојде до трагедија“, пишува Дарко.
Според него, семејството во повеќе наврати барало помош од полицијата, а последниот пат, како што тврди, им било кажано дека е потребно обезбедување упат од неговиот лекар за да може да биде однесен на болничко лекување.
„Извадивме, приложивме, па потоа одговорот беше дека нема каде поради реновирање во болницата и не можат да го сместат таму на лекување“, наведува тој.
Дарко тврди и дека при една од последните реакции од полициска станица семејството добило порака дека „нема што да направат“ доколку Љупчо е мирен.
„Денес Љупчо го нема 10 дена. И сега прашуваме: каде беше системот кога баравме помош? Каде беше полицијата кога предупредувавме? Зошто семејството мора само да се организира и да го бара?“, пишува внукот на исчезнатиот.
Тој додава дека семејството сега самостојно споделува апели, проверува локации, собира информации и се организира во потрагата, но очекува и надлежните институции да ја завршат својата работа.
„Не сакаме ничија трагедија да стане причина утре да се прашуваме што можело да биде направено порано. Се плашиме за неговиот живот и за неговата безбедност. Се плашиме дека може да е во состојба во која не може да си помогне самиот“, наведува Дарко.
Семејството бара сериозна, организирана и итна потрага по Љупчо, но и одговори за тоа што било преземено до неговото исчезнување.
„Ова нема да го оставиме вака. Ќе одиме до крај. Не само за Љупчо. Туку за да не се случи утре истото со некој друг човек чие семејство ќе бара помош, а ќе биде оставено само“, пишува Дарко.
Љупчо беше пријавен за исчезнат во СВР Скопје, а МВР претходно соопшти дека презема мерки за негово пронаоѓање.
Семејството повторно апелира до сите кои го виделе или имаат каква било информација за него да се јават на 073-717-090 или во најблиската полициска станица.