По трагичната смрт на Антонио Савевски во сообраќајната несреќа на патот Кичево–Охрид, во јавноста се појави апел неговото име и дело да бидат трајно одбележани со именување спортска сала во Охрид по него.
Во објава на социјалните мрежи, Мајорова упати повик до државниот врв, Министерството за спорт и Општина Охрид, барајќи една спортска сала да го носи името „Антонио Савевски“.
Таа потсетува дека Савевски целиот свој живот го посветил на спортот и кошарката, но и на работата со младите, за кои, како што наведува, бил многу повеќе од тренер.
„Без да биде свесен тој секоја година спасуваше еден млад живот од пороци, од улица, од демони“, пишува во објавата.
Според неа, Савевски се радувал на успехот на секое дете како да е негов личен успех, а неговиот пристап го споредува со тренерот на Роки Балбоа – строг кога било потребно, но секогаш насочен кон тоа младите да станат подобри.
„Кај него немаше неталентирани за кошарка. Велеше дека од инает ќе му извади талент“, се наведува во објавата.
Посебно се истакнува неговата работа со младите од Охрид и Водно Санс, каде Савевски со години работеше како кошаркарски тренер и имаше значајна улога во развојот на повеќе генерации деца.
„Неговото име и дело мора да бидат овековечени, бидејќи со својот непроценлив талент можеше да замине каде сака во светот, ама не, тој со точакот одеше кај малините ЛавОј“, стои во емотивната објава.
Авторката додава дека Савевски бил човек кој несебично се радувал на туѓиот успех и кој бил почитуван од различни генерации луѓе.
„Заслужуваш сала Гуливер со голема бела табла со огромни букви твоето име и презиме“, се наведува во апелот.
Во објавата се повикува институциите да најдат начин Македонија и Охрид да му се оддолжат за придонесот што го дал во спортот, особено во работата со младите.
„Македонија мора да ти се оддолжи за цело добро и за цел придонес кој го даде од петни жили, бидејќи тренерот има огромна улога во животот на едно дете. Тој им дава насоки“, пишува таа.
Антонио Савевски загина во тешката сообраќајна несреќа на магистралниот пат Кичево–Охрид. Неговата смрт предизвика бројни реакции и пораки на збогување од спортската и охридската јавност, а претходно со емотивна порака од него се простија и „Рибари Охрид“, чиј член беше Савевски.