Најновите податоци за август покажуваат стабилизирање на цените и позитивни движења во македонската економија, оценува Владата.
Годишната стапка на инфлација во август 2026 година изнесува 2,6 отсто, што е значително помалку во споредба со август 2022 година, кога инфлацијата достигна 16,8 отсто.
Според досега објавените податоци на Евростат, инфлацијата во еврозоната во август е проценета на 3,3 отсто, односно е повисока од онаа во Македонија. Во јули, пак, инфлацијата во еврозоната изнесуваше 2,9 отсто, наспроти 2,3 отсто во Македонија.
Од европските земји за кои се објавени податоци за август, пониска инфлација од Македонија имаат Финска со 2,4 отсто, Малта со 1,9 отсто и Естонија со 1,3 отсто. Повисока стапка е регистрирана, меѓу другите, во Бугарија со 5,1 отсто, Шпанија со 4,5 отсто, Белгија со 4,2 отсто, Хрватска и Грција со по 3,7 отсто, Словенија со 3,4 отсто, Италија со 3,2 отсто и Германија со 2,9 отсто.
Владата посочува дека инфлациските притисоци во Европа повторно се засилуваат, при што инфлацијата во еврозоната се зголемила од 2,9 отсто во јули на проценети 3,3 отсто во август. Во исто време, Македонија ја одржува инфлацијата на пониско ниво, наведува Владата.
Како дополнителен позитивен показател се посочува и индустриското производство, кое во јули бележи годишен раст од 1,3 отсто, додека во првите седум месеци од годината е зголемено за 0,9 отсто.
„Последните економски показатели треба да се гледаат како целина – раст на индустриското производство, раст на економијата и стабилизирање на инфлацијата на ниво пониско од еврозоната“, наведуваат од Владата.
Оттаму додаваат дека остануваат посветени на политики за стабилност на цените, заштита на животниот стандард, повисоки плати и пензии, нови инвестиции и забрзан економски раст.