Со развиорени македонски знамиња Green Forces од „Дајте музика“ на социјалните мрежи им се заблагодари на сите фанови за поддршката што ја добиваат.
Веќе со над 600.000 прегледи од објавувањето на видеото, како и со високи позиции на трендинг-листите, македонската делегација периодов интензивно се подготвува за настапот на Детскиот евросонг во Париз.
Минатиот викенд Green Forces се сретна со албанската претставничка на Детскиот евросонг, популарната Ана Ѓебреа. Таа во студиото на Македонската телевизија пееше на македонски за спас на планетата Земја, а „Дајте музика“ одговори на албански: „Ќе бидеме покрај тебe“.
Песната на албанската претставничка Ана Ѓебреа ја третира темата за врсничко насилство, со наслов Stand by You (н.з. „Ќе бидам покрај тебе“). Во најновото видео објавено на социјалните мрежи децата од „Дајте музика“ му се заблагодарија на организаторот на Детскиот евросонг 2021 за можноста за здружување на гласовите против четирите најгорливи теми што ја засегаат токму оваа генерација: врсничкото насилство, загадувањето, климатските промени и глобалното затоплување воопшто.
Неодамна Green Forces од „Дајте музика“ постави прашање до својата публика: „Што направивте за нашата планета денеска?“ Се надеваме на одговори набргу!
Музиката за Green Forces ja напиша Роберт Билбилов, а текстот е на Робин Зимбаков. Видеоспотот е на „Вертиго вижуалс“, а во продукција на „Рифенштал“. Детскиот евросонг ќе се одржи на 19 декември 2021 во Париз, Франција.