Окружниот суд во швајцарскиот град Бремгартен изрече петгодишна затворска казна за 29-годишен македонски државјанин, кој во 2024 година извршил серија грабежи и други кривични дела. Случајот привлече внимание во јавноста поради необичното образложение што обвинетиот го дал пред судот – дека сакал да биде уапсен за да се ослободи од зависноста од алкохол.
Според швајцарските медиуми, меѓу кои и весникот Aargauer Zeitung, во април 2024 година обвинетиот влегол во продавница во Волен со пневматски пиштол на јаглерод диоксид и одзел околу 1.500 швајцарски франци. Четири месеци подоцна, извршил уште два грабежи во Арау, двата во истата златарница. При вториот напад со чекан скршил витрина и одзел накит во вредност од околу 21.000 франци.
Покрај грабежите, тој одговарал и за повеќе кражби, обиди за провала во продавници, оштетување имот, незаконито влегување, навреди, како и за насилство и закани кон службени лица.
На судењето ги признал сите дела.
„Бев тежок алкохоличар и навистина сакав да одам во затвор за да се одвикнам“, изјавил обвинетиот, додавајќи дека бил свесен оти постојат рехабилитациски центри, но дека сакал токму затворска казна. Според медиумските извештаи, тој покажал малку каење, а на прашањето дали бил свесен за стравот и последиците што ги предизвикал кај жртвите, одговорил дека не се доживувал себеси како закана, туку бил фокусиран на сопствениот план.
Судијата посочил дека вакво образложение ретко се слуша во судската пракса, особено имајќи предвид дека обвинетиот знаел за можностите за лекување во специјализирани установи, но сепак не побарал таква помош.
Освен петгодишната затворска казна, обвинетиот ќе треба да плати и над 80.000 евра, а по издржувањето на казната ќе биде протеран од Швајцарија со десетгодишна забрана за влез во земјата.