Македонските винарии од 9 до 11 февруари ќе се претстават на еден од највлијателните меѓународни вински саеми, Wine Paris, преку заеднички национален штанд под името „Macedonian Wines“, со што ќе го промовираат квалитетот, потенцијалот и автентичноста на македонското винарство пред светската винска јавност.
Настапот се реализира со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, како дел од стратешките напори за зголемување на извозот и унапредување на меѓународната препознатливост на македонските вина.
Рамо до рамо со најреномираните светски винарии, македонските производители ќе ги претстават автохтоните вински сорти, специфичниот тероар и современите технологии во производството, испраќајќи порака дека Македонија сè посигурно го зазема своето место на глобалната винска мапа.
Покрај официјалниот настап на саемот, во Париз ќе се одржи и посебен промотивен настан под наслов „Nuit du Vin Macédonien“ – „Ноќ на македонските вина“, наменет за презентација и дегустација пред внимателно селектирана публика од вински професионалци, дистрибутери, медиуми и познавачи на виното.
Настанот е реализиран со поддршка и заложба на амбасадорот на Република Македонија во Франција, Игор Николов, кој имал значајна улога и во координацијата на настапот на македонските винарии на Wine Paris.
Со овој настап, македонското вино испраќа јасна порака дека со својот квалитет, традиција и автентичност е подготвено за посилно и повидливо присуство на еден од најпребирливите и највлијателни светски пазари.