Францускиот претседател Емануел Макрон одговори со зборовите „Во право сте“ на потписниците на петицијата на Жолтите елеци.
Во петицијата се бара намалување на цената на горивото на бензинските пумпи, а досега е потпишана од повеќе од еден милион луѓе.
„Почитувани, зголемувањето на цената на горивото го доживеавте како удар со камшик и одлучивте да реагирате со петиција. Ја слушнав вашата порака и директно ви одговорам: Во право сте“, одговори Макрон на петицијата потпишана од 1,15 милиони лица, а која е поставена на страницата чејнџ.орг (Change.org), пренесе Франс 24.
Францускиот претседател рече дека акцијата против климатските промени е „неопходна борба“ и додаде дека проблемите за крајот на светот не смеат да бидат во спротивност со финансиските проблеми на граѓаните за до крајот на месецот.
Макрон рече дека по 18 месеци на власт промените кои се одвиваат сеуште не се доволно видливи.
Макрон истакнува и дека ќе продолжи „со дијалогот со граѓаните“, потенцирајќи при тоа дека се неопходни мерки и против климатските промени и еколошките проблеми.
Набрзо по одговорот на Макрон, француското Национално собрание минатата ноќ усвои закон предложен од него, чија цел е да се задоволат дел од барањата на „жолтите елеци“.
Како што јави ДПА, по 13-часовна дебата, Собранието го усвои законот со 153 гласа „за“, девет „против“ и 58 „воздржани“. Законот сега треба да биде одобрен и од Сенатот, каде владината колаиција нема мнозинство.
Со предлогот на Макрон се предвидува зголемување на минималната плата за 100 евра и одлагање на планираното оданочување на пензионерите со приходи од над 2.000 евра месечно.
Францускиот претседател од ноември се соочува со најголемата криза по формирањето на движењето Жолти елеци, кои се мобилизирани од 17 ноември преку разни акции и протести во саботите, незадоволни од општата државна политика.За време на протестите на „жолтите елеци“, кои на моменти беа и насилни, загинаа девет лица, а 2.891 беа повредени, од кои 1.098 полициајци.