Максим Димитриевски од Струмица порача дека на Македонија ѝ се потребни политики засновани на одговорност, резултати и работа во интерес на граѓаните.
Во своето обраќање, Димитриевски истакна дека граѓаните очекуваат поинаков пристап во политиката и нагласи дека јавната функција треба да биде во служба на народот, а не средство за лични привилегии.
„Додека граѓаните се борат за подобар живот, некои политичари се натпреваруваат кој ќе покаже поголем луксуз. Тоа не е политиката што ја заслужува Македонија. Политиката постои за да им служи на граѓаните, а не за лична корист“, рече Димитриевски.
Тој оцени дека политиката не смее да биде средство за задржување на функции и привилегии и додаде дека граѓаните најдобро знаат кој останал доследен на своите принципи.
„Граѓаните на Струмица добро знаат кој останал верен на идеите со кои почнал, а кој ги заменил принципите за удобност, функции и позиции. На крајот, граѓаните се тие што ја даваат конечната оценка“, истакна претседателот на ЗНАМ.
Димитриевски нагласи дека Движењето ЗНАМ е формирано како алтернатива на, како што рече, старите политички модели и дека довербата треба да се гради преку конкретни резултати, а не преку политички договори.
На панел-дискусијата се обрати и министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој говореше за реформите насочени кон професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација. Според него, институциите треба да бидат вистински сервис на граѓаните, а воведувањето мерит-систем и современи стандарди е клучно за подобрување на нивното функционирање.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски порача дека Струмичкиот регион има голем земјоделски потенцијал и дека државата ќе продолжи да работи на политики што ќе обезбедат сигурен пласман, модернизација на производството и поголема поддршка за земјоделците.
Од ЗНАМ велат дека ќе продолжат да ја градат својата политика преку директна комуникација со граѓаните, преземање одговорност и реализација на конкретни проекти.