Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, упати остра порака до Финска, тврдејќи дека земјата сега се наоѓа на листата на можни цели за руски нуклеарен напад, откако стапија во сила измените на законот со кои се дозволува увоз, транзит и транспорт на нуклеарно оружје преку нејзината територија.
„Финска ја укина забраната за прием на нуклеарно оружје на своја територија. Тоа значи само едно – вашата земја сега е на листата на руски нуклеарни цели. Честитки, Финска, го достигнавте врвот на безбедноста“, напиша Медведев на социјалната мрежа Икс.
Измените на Законот за нуклеарна енергија ги потпиша финскиот претседател Александер Стуб, а тие стапија во сила на 1 јули. Со нив се укинуваат претходните ограничувања за увоз, транзит и транспорт на нуклеарно оружје, со цел законодавството да се усогласи со новите безбедносни околности по пристапувањето на Финска во НАТО.
Финската влада соопшти дека промените имаат за цел да ги зајакнат одвраќачките капацитети на Алијансата во услови на влошена безбедносна состојба во Европа и руската инвазија врз Украина.
Министерот за одбрана Анти Хаканен претходно изјави дека новите правила ќе ѝ овозможат на Финска целосно да ја користи нуклеарната заштита на НАТО, но нагласи дека Хелсинки нема намера да распоредува нуклеарно оружје на својата територија.
И претседателот Стуб истакна дека Финска сака да биде полноправна членка на НАТО без ограничувања, но дека не планира стационирање на сојузничко нуклеарно оружје во земјата.