Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров остро реагираше на германските обвинувања дека Москва стои зад инцидентот со дрон на аеродромот Лајпциг/Хале, оценувајќи дека станува збор за чекор кон „вистинска војна“.
„Сите тие изјави на Мерц за повторното претворање на Германија во водечка воена сила во Европа се спроведуваат во практика. Тој, всушност, ни објавува војна“, изјавил Лавров, коментирајќи ги ставовите на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.
Германската влада на 1 септември соопшти дека располага со информации според кои Русија е одговорна за обидот за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале во текот на минатиот месец.
Како одговор на инцидентот, Берлин најави серија мерки, меѓу кои и затворање на рускиот конзулат и Рускиот културен центар во Берлин.
Москва ги отфрли обвинувањата како неосновани и ја обвини Германија дека, наводно, подметнала докази со цел Русија да биде прогласена за одговорна за инцидентот.