„Годината што изминува на политички и општествен план можам да ја оценам како една изгубена година за државата и за граѓаните на Република Македонија, година на политички потреси, назадување и разочарувања. Ова беше година кога наместо напредок, повторно се продлабочуваа разликите, поделбите и наместо на продуктивни работи - енергијата се трошеше на прогон и притисоци“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и го посочува неговиот избор на негативни настани, пишува Дојчевеле.
1. Капитулантскиот Договор и промената на Уставот;
Во однос на неуспесите, на прво место би го посочил капитулантскиот договор, промената на уставот со цел промена на името на државата, и целиот спектрум на негативни влијанија кои тој Договор ги носи, почнувајќи од длабокото задирање и промена на идентитетот, па сѐ до толкувањето кое ќе се прави на историјата, културата и археологијата. Практично се донесе мошне неквалитетно решение на штета на граѓаните и државата, целосно погрешен начин на водење преговори кои резултираа со штетен Договор.
2. Неуспехот во економијата и продлабочената сиромаштија;
Имаме година без инвестиции и со забележан одлив на странски инвестиции, крах на градежништвото, година кога платите и пензиите не растеа, а сиромаштијата процентуално се зголеми. Граѓаните не го добија ветеното од Владата, а изгледите се дека годината што следи - ќе биде полоша. Тука во прв план ги ставам зголемените даноци кои ќе удрат по сите граѓани, а највеќе по средната класа.
3. Политичкиот прогон и притисоците насочени кон опозицијата;
Механизмите преку кои тоа се прави, подразбира дека граѓаните добија судство кое е целосно зависно, и обвинителство кое работи по препораките на премиерот, кој однапред ги знае одлуките на третата на власт. И во една таква консталација, преку политичките притисоци, и луѓето кои подлегнаа на нив, практично оваа власт се пазареше за нејзино одржување.
Во изборот на негативни настани, Мицкоски посочува и други.
„На четврто место сосема кусо би го спомнал недобивањето датум за преговори со ЕУ, скандалите и криминалните афери на Владата, меѓу кој црниот Вотергејт на Заев и прислушуваното обвинителство и судство, криминалните иновации, криминалните тендери во здравството, како и слабото 112-то место на индексот за борба против корупцијата, заедно со Танзанија и Етиопија. На планот на успесите, оваа година навистина беше сиромашна“, констатира Мицкоски.