Во интервју за телевизија Сител, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со обвинувањата од премиерот Заев дека е вмешан во бегството на Груевски, тој истакна дека таквата изјава на Заев е несериозна од прв човек на државата, имајќи предвид дека токму премиерот ги има сите информации.
-Јас сум сигурен дека тој ги има сите информации и жалам што не смогна сила да тие информации ги сподели со македонската јавност еве неколку недели потоа откако се случи тој настан тоа бегство на господинот Груевски. Се надевам дека во блиска иднина тие информации ќе ги сподели, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека пи-ар стратезите на власта во отсуство на кампања која ќе се темели на факти и аргументи против него оцениле дека Груевски има негативен рејтинг и сега тоа се обидуваат нему да го залепат.
-Со оглед на тоа што цела 2018 година тој се однесуваше неодговорно сега можам да ги разберам неговите ПР стратези зошто му сугеририраат Груевски да се поврзе со Мицкоски. Никола Груевски е минато во ВМРО-ДПМНЕ, иднината во партијата сум јас и се што правам е заедно со структурите на партијата во овој момент и ова е автентична прилика, која има своја карактерна црта. Тоа што го кажа Заев е помалку или повеќе несериозно. Тој ги има сите информации, жал ми е што не ги подели со македонската јавност неколку недели откако се се случи тој настан, рече тој.
Во однос на уставните измени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека партијата останува на својот став согласно конгресната резолуција и не очекува други опозициски пратениците покрај осумтемина од независната група на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат уставните измени на финалното гласање.
-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се оние кои што ја следат конгресната резолуција и партиската програма, практично ги следат одлуките на Извршниот и на Централниот комитет и тука не треба да има дилема и јас верувам во нивната чесност во целокупниот овој процес, рече Мицкоски.