Премиерот Христијан Мицкоски порача дека европската определба на Македонија не е спорна, но дека процесот кон Европската Унија треба да биде фер и заснован на јасни правила. По средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје, беше најавен и нов чекор во обновувањето на политичкиот дијалог со Бугарија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во вторник ќе отпатува во Софија на средба со својот бугарски колега. Според најавата, тој ќе се обиде да организира и средби на повисоко ниво.
Мицкоски на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен оцени дека посетата на Муцунски претставува конкретен чекор кон обновување на политичкиот дијалог меѓу Македонија и Бугарија.
Премиерот порача дека Владата останува посветена на европскиот пат, но инсистира разговорите со источниот сосед да се водат со поголема предвидливост и со присуство на Европската Унија.
„Не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно. Обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, изјави Мицкоски.
Фон дер Лајен од Скопје порача дека постои клучен чекор што треба да се направи за земјата да може да се придвижи напред, по што би следувале патоказите за пристапување.
Таа објасни дека патоказите во моментов се однесуваат на државите кои веќе се во тек на пристапните преговори, додека Европската комисија работи на ревидирање на насоките за да бидат подготвени кога Македонија ќе го постигне, како што рече, последниот чекор, односно договор со Бугарија.
„Можеме да бидеме мошне брзи со Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите што се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направено и сега се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата за да можеме потоа да дојдеме со патокази во Северна Македонија“, изјави Фон дер Лајен.
Во рамки на посетата на Скопје, претседателката на Европската комисија се сретна и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На средбата биле разгледани евроинтегративниот процес и можностите за надминување на спорот со Бугарија.