Ниту можете да пишувате, ниту смеете да пишувате дека Гога не била ВМРО, изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на митингот во Кавадарци обраќајќи се до незадоволните членови на ВМРО ДПМНЕ кои поставија транспарент во изборните штабови во Кавадарци, со натпис „Гога не е ВМРО“.
„Во текот на вчерашниот ден неколкумина наши браќа поставија еден два транспаренти. Беа наменети за Гога. Еве јас ќе се обидам да им одговорам на тие наши браќа. Кога професорката Гордана беше ВМРО и кога професорката Гордана Силјановска Давкова и застана на првата линија на фронтот во одбрана на најпрвин на онаа неправедна територијална распределба во 2004-тата година. А потоа и сега кога крвареше Македонија, Вие браќа бевте на Бихаќка да добиете инструкции што треба да му направите лошо на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, додека таа крвареше заедно со нас. Така што ниту можете да пишувате, ниту смеете да пишувате дека Гога не била ВМРО. Гога е поголемо ВМРО и Македонија од сите вас заедно“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека тоа е навреда и рече дека ВМРО заедно со професорката Гордана Силјановска ќе ја вратат правдата во Македонија и ќе победат на изборите, по што ќе следат предвремени парламентарни избори на коишто СДСМ ќе загуби.
Мицкоски во Кавадарци повтори дека СДСМ злоупотребува човечки судбини за моќ и пари. Во однос на Конвенцијата на СДСМ вчера во Скопје, Мицкоски оцени дека е доцна за пеење на химната и додаде дека во Спортскиот центар Борис Трајковски стигнале 400 автобуси од целата дружава.