Македонската таеквондистка Мила Релиќ постигна голем успех на Светското првенство во таеквондо за жени во Кина, освојувајќи го бронзениот медал во сениорска конкуренција во категоријата до 62 килограми.
Релиќ до медалот стигна со три одлични победи против силни противнички.
Во второто коло, македонската репрезентативка со 2:0 ја совлада Санг Џијао од Кина.
Во осминафиналето беше подобра со 2:1 од Мохидил Уктамјонова од Узбекистан, додека во четвртфиналето со истиот резултат 2:1 славеше против Ванг Веи Чиа од Тајпеј.
Со овие три победи, Мила обезбеди пласман во полуфиналето и борба за место во големото финале.
Во полуфиналната пресметка, Релиќ по голема и неизвесна борба загуби со 1:2 од Софија Мотлок од Русија. Македонската таеквондистка беше на само неколку секунди од можноста да обезбеди пласман во финалето.
Сепак, со освоениот бронзен медал Мила Релиќ испиша нова значајна страница во македонскиот спорт и потврди дека припаѓа меѓу најдобрите таеквондистки во светот.