Од седниците на Советот за национална безбедност и Советот за одбрана, кои ги предложи премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, не треба да се очекуваат промени во ставовите на државниот врв за Израел, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
„Не очекувајте никакви тектонски поместувања и промени во ставовите. Ако некој смета дека Израел е наш сојузник и пријател, нема му помош“, им рече Милановиќ на новинарите.
Тој разговорот на оваа тема меѓу „сериозни луѓе“ го оцени како губење време.
„Непоколеблив сум во тој став, како и во тоа дека Хрватска требаше да ја признае Палестина“, додаде Милановиќ.
Претседателот на Хрватска на крајот на февруари изјави дека Израел води „ѕверска политика“ и дека не може да биде сигурен партнер на Хрватска, при што ја критикуваше и посетата на министерот за одбрана Иван Анушиќ на таа земја.
Во меѓувреме, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар го обвини Милановиќ за антисемитизам, откако хрватскиот претседател ги критикуваше постапките на израелскиот амбасадор во Хрватска, Гари Корен.
Корен на почетокот на март бил повикан на разговор во претседателската резиденција, каде бил предупреден за „неприфатливи и штетни“ изјави кои ја вознемируваат јавноста и ѝ нанесуваат штета на Хрватска.