Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Антонио Милошоски на денешната прес-конференција остро ја критикуваше одлуката на шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, за запирање на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино.
На прес-конференција, Милошоски обвини дека Абази „одработува за Филипче, Заев и Ахмети“ и дека одлуката за запирање на постапката е „контроверзна и лукративна“.
Според него, јавноста во случајот видела „перење пари, криминал и труење на животната средина“, додека обвинителството оценило дека нема доволно докази за кривично дело.
Милошоски посочи дека меѓу осомничените биле и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и бизнисмените Ратко Капушевски и Асмир Јахоски.
Тој праша зошто постапката е запрена токму во период кога Ковачевски е недостапен за органите на прогонот и побара одговор дали биле сослушани сите засегнати страни.
„Ковачевски треба да се врати. Да одговара. Ако е невин, нека го докаже тоа пред судовите“, рече Милошоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Ислам Абази веднаш да поднесе оставка.