Министерот за одбрана Владо Мисајловски престојува во Словенија, каде што ќе учествува на состаноците на министрите за одбрана во форматите CEDC и KREMS.
За време на посетата, Мисајловски присуствуваше на Светата литургија и осветувањето на новата црковна канцеларија при Македонската православна црква „Света Троица“ во Крањ.
Настанот беше организиран на покана на Македонската православна црковна општина „Света Троица“ од Крањ и Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ – Крањ.
Мисајловски истакна дека средбите со Македонците во дијаспората имаат посебно значење, бидејќи тие, како што наведе, и далеку од Македонија со љубов ги чуваат македонскиот јазик, верата и традицијата.
Осветувањето на новата црковна канцеларија, според Мисајловски, претставува уште еден доказ за врската што Македонците ја негуваат со своите корени, без оглед на тоа каде живеат.