Тело на 42-годишен маж било пронајдено во помошни простории од куќа во Кавадарци, при што првичните наоди упатуваат на можноста за насилна смрт. Телото било прекриено со земја и разни предмети, што ја зголемува сомнителноста околу причините за смртта.
На терен излегол дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци, кој заедно со полициски екипи извршил увид и издал наредба за обдукција на починатиот.
Според информациите, мажот живеел сам, а неговото семејство неколку дена безуспешно се обидувало да воспостави контакт со него.
Од местото на настанот се подигнати траги и материјални докази кои ќе бидат подложени на вештачење, а надлежните органи преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расветлување на случајот и откривање на можниот сторител.