Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, вчера го прими Орденот „За заслуги“ – високо државно признание на Украина, што му го додели претседателот на Украина, Володимир Зеленски, како признание за поддршката и солидарноста што градот ја покажува кон украинскиот народ од почетокот на војната.
Високото државно одликување му го врачи украинската амбасадорка во Македонија, Лариса Дир, која истакна дека признанието е израз на благодарност за хуманоста и помошта што Кавадарци ја обезбедува за Украина.
Јанчев изјави дека орденот не го доживува како лично признание, туку како награда за целиот град, институциите, хуманитарните организации и сите граѓани кои несебично помогнале на украинскиот народ.
На свеченоста присуствуваа и деца од Украина кои престојуваат во одморалиштето „Михајлово“, а во знак на благодарност му подарија рози на градоначалникот.
Тој потсети дека Кавадарци во изминатиот период испратил генератор во украинскиот град Буча за време на зимската сезона, донирал 10 тони вода за пиење по уништувањето на браната на хидроелектраната Каховка, како и дека организирал престој за украински деца во креативниот центар „Михајлово“.
Според Јанчев, овие активности се доказ за човечноста, солидарноста и пријателството меѓу македонскиот и украинскиот народ.