Тони Михајловски доби условна казна за заканата која ја упати на Фејсбук кон новинарот Бранко Тричковски. Михајловски на својот фејсбук профил на 16 јуни 2017: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми боже“.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Михајловски кој на денешното рочиште призна вина и му се извини на новинарот за заканите. Тој доби условна казна затвор од три месеци, ако во рок од една година не го повтори делото.
Tричковски немал барања за отштета и за дополнителен прогон. По пресудата, Тричковски на фејсбук напиша дека Михајловски се извинил и ветил дека повеќе нема да стори дело за кое денеска беше суден.
„Мојата малeнкост сметаше дека е тоа доволна сатисфакција.Му пружив рака на Михајловски, се откажав од натамошен прогон и какви било оштени барања. Пресудата ќе биде дополнително објавена, но веќе сега е јасно дека со оглед на горните околности, Михајловски ќе ја добие најблагата казна. Јас сум задоволен, а колку што можев да забележам, сите во судницата беа задоволни. Тони, од разбирливи причини, посебно.
Не е убаво да се тепаме по секоја цена, ако имаме правна и морална сатисфакција. Освен тоа, мораме да ги ослободуваме капацитетите на судот и на обвинителството за важните процеси кои ќе не одведат кон општествена рехабилитација низ правото“, напиша Тричковски на Фејсбук.