Сè поголем број млади Европејци го одложуваат купувањето сопствен дом, а податоците покажуваат дека помладите генерации имаат пониски стапки на сопственост на недвижности во споредба со нивните родители на иста возраст. Според анализата на ОЕЦД, комбинацијата од раст на цените на становите, поскапи станбени кредити и побавен раст на приходите значително го отежнува патот до сопствен имот.
Податоците за 20 земји од ЕУ покажуваат дека 60 отсто од генерацијата родена околу 1975 година поседувале дом до 32-годишна возраст. Кај оние родени во 1980 година, уделот изнесувал 58 отсто, додека кај генерацијата родена во 1985 година паднал на 52 отсто.
Разликата е уште поизразена кај помладите возрасни групи. До 29-годишна возраст, сопствен дом имале 52 отсто од генерацијата родена во 1980 година, наспроти 45 отсто кај родените во 1985 година и 41 отсто кај генерацијата родена во 1990 година.
Кај 23-годишниците, сопственоста се намалила од 32 отсто кај генерацијата родена во 1985 година на 26 отсто кај родените во 1990 година. За споредба, кај постарите генерации разликите биле значително помали. До 44-годишна возраст, дом поседувале 68 отсто од лицата родени во 1965 година, 69 отсто од генерацијата родена во 1970 година и 68 отсто од оние родени во 1975 година.
ОЕЦД посочува дека зад ваквиот тренд стојат повеќе фактори. Еден од најзначајните е пристапот до станбени кредити. Растот на каматните стапки од 2021 година го зголеми трошокот за задолжување, додека во повеќе земји цените на куќите и становите растеле побрзо од приходите.
На младите така им се создава двоен финансиски притисок – потребен им е поголем приход за купување недвижност, а истовремено кредитот со кој би го финансирале купувањето станува поскап. Побавниот раст на платите дополнително го отежнува собирањето средства за учество и исполнувањето на условите за станбен кредит.
Како фактор се издвојува и зголемениот број млади кои продолжуваат со високо образование. Подолгото образование може да значи подоцнежно влегување на пазарот на трудот, а со тоа и подоцнежно стекнување стабилен приход и финансиска независност.
Според ОЕЦД, во околу две третини од анализираните земји уделот на лицата во триесеттите години кои живеат во сопствен дом е намален во споредба со средината на 1990-тите.
Особено голем пад е забележан во Ирска, каде што сопственоста меѓу лицата во триесеттите години се намалила од околу 81 отсто во средината на 1990-тите на 53 отсто во најновиот анализиран период. Во Грција падот е од 78 на 58 отсто, додека во Обединетото Кралство стапката се намалила од 74 на 56 отсто. Во Шпанија, пак, падот е од 77 на 60 отсто.
Податоците укажуваат дека станбеното прашање сè повеќе добива и генерациска димензија. Додека за претходните генерации купувањето сопствен дом било почеста појава во одреден период од животот, за помладите патот до недвижност станува подолг и поскап.
Високите цени, поскапите кредити, побавниот раст на приходите и подоцнежното влегување на пазарот на трудот ги принудуваат младите подолго да штедат, а во дел од случаите и да се потпираат на финансиска поддршка од семејството.