Пазарот на недвижности во Македонија продолжува да бележи раст. Во вториот квартал од 2026 година се реализирани 8.369 трансакции, што е за 7,9 проценти повеќе во однос на првиот квартал, додека вкупната вредност на продадените недвижности достигнала 351,7 милиони евра.
Според податоците од Регистарот на цени и закупнини, највисоката цена за квадратен метар кај новоградбата изнесувала 3.360 евра. Најскапиот нов стан бил продаден во Општина Центар, каде што стан од 50 квадратни метри бил продаден за 168.000 евра.
Кај староградбата највисоката цена е регистрирана во Охрид, каде што стан од 66 квадратни метри бил продаден за 211.200 евра, односно околу 3.200 евра за квадратен метар.
Во вториот квартал биле регистрирани 977 продажби од инвеститори, од кои 943 се станови, а бројот на продадени нови станови е зголемен за 32 проценти во споредба со претходниот квартал.
Најмногу продадени станови има во Општина Аеродром – 297, додека најголем број продадени куќи се евидентирани во Битола – 64.
Податоците покажуваат и дека во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани над 28.000 листови за предбележување на градба, што укажува дека во наредниот период се очекува дополнително зголемување на понудата на нови недвижности.