Тешко дише, не може да јаде, преживува со боци со кислород, а тоа го нарушува нејзиното ментално здравје – дваесет и едногодишната, Флора Гаши денеска повторно ќе биде хоспитализирана поради влошена здравствена состојба. Таа е една од трите пациенти со тешка форма на цистична фиброза кои останаа без лекот „калидеко“ кој за нив значи живот. Денес со солзи во очите тие преку медиумите апелираа до здравствените власти да им го набават лекот, без кој не можат да функционираат нормално, објави ММС.МК.
„Без лекот сум многу лошо, две недели носам подвижен кислород, нон стоп сум со него. Три, четири дена сум многу лошо и денеска ќе се хоспитализирам бидејќи не можам да дишам и да јадам. Имам дома друг кислород, но не можам ништо да правам. Можам да идам до тоалет и толку. Кога го примав лекот бев добра, јадев, се движев. Се’ си правев, а сега ништо“, изјави денеска младата пациентка која завршила средно медицинско училиште за физиотерапевт, но иако сака, не може да работи. „Побргу нека го донесат лекот, бидејќи и психички сум падната, не сум добра. Само во соба сум 24 часа, нон стоп“, раскажа Флора.
Со слична голгота секојдневно се соочува и триесетгодишната Дијана од Битола, која освен цистична фиброза има и дијабет.
Иако според денешните сведоштва пред медиумите, „калидеко“ значително го подобрува животот на пациентите, Филипче допрва ќе чека на извештај од стручните медицински лица за да се види дали тој има ефект.
„Мораме да го почекаме извештајот на стручните лица, на докторите таму за тоа дали тој лек има ефект. Не се тоа сите пациенти со цистична фиброза, туку само оние пациенти кои имаат генска мутација , така се селектирани тројцата пациенти. Почната е постапката и лекот треба да стигне следната недела“, изјави Филипче.
Инаку, едно кутивче од него чини околу 18 илјади евра, а пациентите со цистична фиброза во светот го употребуваат од 2012 година.
Текстот во целост на: ММС.МК.
фото: ММС.МК